Музикотерапија е лекување со музика, односно терапевтско користење на музиката и нејзините елементи (звук, ритам, мелодија и хармонија) со цел задоволување на физички, емоционални, ментални, социјални и когнитивни потреби.
Музикотерапијата ја изведува квалификуван музички терапевт, индивидуално или групно, за да ги зајакне комуникацијата, учењето, изразувањето, организацијата и другите основни терапевтски цели. Музикотерапијата претставува непосредна употреба на музиката со цел рехабилитација и поткрепа на психотерапијата.
Основни концепти на музикотерапија
Најважни концепти на лекување со музика, а на кои се темели целиот процес на музикотерапија се:
– квалитетен однос на терапевтот со клиентот
– сигурно опкружување (психичка и физичка сигурност на клиентот)
– почитување на динамиката на терапијата
– користење на тишина (дава време за фокусирање на мислите и координација на психичките одговори што му овозможува на терапевтот време за набљудување на клиентот)
– флексибилност (адаптација на промени)
– јасни намери и цели на терапијата
– константност во изведување на терапијата
– поставување граница помеѓу клиентот и терапевтот
Главни цели на музикотерапија
Главни цели на музикотерапијата, освен лекување, ублажување и превенција на душевните и телесните пореметувања се:
· управување со стресот
· ублажување на болките
· изразување на чувствата
· подобрување на памтењето
· подобрување на комуникацијата
· промовирање на физичката рехабилитација
· зголемување на задоволството од животот
· опуштање и смиреност
Музикотерапијата е насочена на развивање на потенцијалот и повторно враќање на способностите на поединците за да можат да постигнат подобра лична и социјална интеграција и на тој начин поквалитетно да живеат.
Звукот и ритамот
Музикотерапијата има големо значење во јазичниот и емоционалниот развој, разбирањето меѓу врсниците, влијае на когнитивните способности и развојот на моториката и е поврзана со музичката психологија, педагогија, етномузикологија и етнопсихологијa.
Верувањето во лековитоста на музиката е многу старо. Сведочења за елементите на музикотерапија се наоѓаат во многубројните извори на сите народи во светот, од антички списи и библиски текстови, преку шамански ритуали и историја на музичките инструменти, до народни игри и стари песни за заспивање. Грчкиот филозоф Аристотел тврдел дека „музиката има моќ да го формира карактерот“. Затоа што „звукот од почетокот на нашиот живот се менува во нешто што останува во кожата, тој е во нашите движења, тој е сила и движечка сила на тензијата и опуштањето“, како што тоа го објаснил д-р Роналдо Бенензон, музикотерапевт и прв претседател на Светската музикотераписка федерација.
Луѓето уште во праисторијата се изразувале преку игра и песна, а слухот е прво функционално сетило во развојот на човечкото суштество кое се развива пред видот. Токму со тие податоци некои антрополози го објаснуваат огромното значење на ритамот и звукот низ историјата на човештвото за изразување емоционални состојби (болка, радост, тага, веселба), како на индивидуата, така и на група луѓе.
За крај
Постојат документирани показатели и примери дека музиката ја подобрува социјализацијата на децата, нивните способности и вештини за комуникација, посебно препознавањето на емоции. Музикотерапијата иако ефективна сепак е сѐ уште предмет на научни истражувања за поблиску да се утврдат механизмите и принципите на кои основи таa делува.
Бидејќи музикотерапијата оди во прогресивна, нагорна линија како третман, се укажува на потребата за внесување на нови механизми и терапии во истата како на пр. комбинација од когнитивни (спознајни) терапии со терапии кои поттикнуваат имагинација и вклучуваат музика. Исто така групно пеење и музицирање како терапија, на кое таргет би му било подобрување и регистрирање на емоциите изразени на лицата на другите учесници во терапијата.