Убаво е децата да растат во светот на бајките.
Не дека со тоа ќе ја избегнат реалната компонента на живеењето, туку гледајќи, слушајќи или читајќи ќе стигнат и до апстрактно мислење и до полесно справување со тешките и немили моменти на животот.
Гледајќи – “Во светот на бајките” дојдов до идеја – „Ајде да ги поттикнам родителите да им го овозможат ова задоволство и на нивните деца, сигурно подзаборавиле.“ – Зошто? Од многу причини . „Во светот на бајките” е култен серијал на приказни и бајки, кој многу придонесува за развојот на јазичните и културолошките особености на детето.
Тргнувајќи од музиката која е прилагодена на дејството, со многу хармонија и прекрасна мелодичност, погодна и за најмалите возрасти, но и покрај тоа испраќа, голема порака за деца над 4 години што веќе можат да ја разберат. Една од песните во серијалот пее „Сакај ги другите како што се сакаш себе” што е основата на сите религии и многу филозофии, а е дофатлива порака за малите возрасти и основа на моралот во ова безвредносно и нарцисоидно општество во кое живееме.
Како што веќе напоменав дејството е бавно, а дијалозите се многу јасни, комуникацијата е насочена и глумците зборуваат со прекрасна дикција. Тоа е одлична подлога за психички развој и здраво тло за формирање на јазичните центри и можност за пасивно учење на комуникација и начините на изразување.
Во серијалот има бајки 1001 ноќ и од многу култури, кои убаво се доловени преку одличната глума и преку едноставната костимографија, што е доволно за да се разберат другите луѓе и култури. Да се има претстава за крупната слика и да се гледа светот од високо, како често што знаеме да кажеме.
Емоционалната компонента е опфатена преку одличниот драмски израз, но и големите дела (бајки) се адаптирани и прилагодени на македонски јазик, кој е мајчин јазик за голем број од децата на оваа држава, но е и одлична можност и да другите деца говорители на македонскиот да изградат убава основа за комуникација и размена на македонски. Меѓу другото емоциите најдобро се артикулираат на мајчиниот јазик, бидејќи се под влијание на социо-културолошките фактори, во кои расте единката, но и растеле нејзините предци и по двете родителски линии.
Секоја детска емисија во која ликовите имаат емоционална експресија е одлична за детскиот развој. Покрај тоа моја препорака е да не се запоставуваат македонските емисии и серии бидејќи на тој начин детето најдобро ги препознава емоциите на луѓето од неговото опкружување, кој се оформиле под одредени социо – културни влијанија.
Затоа не заборавајте ќе градиме прогресивни деца, само ако имаат здрава подлога, во спротивно ќе лебдат барајќи ја основата.