Денес живееме во свет каде што се помалку и помалку си даваме простор за себе и можност субјективната добросостојба да се разбуди во нас па така да ја пренесуваме позитивната енергија и на другите околу нас. За жал, сѐ почесто сме свесни дека сме „марионетки“ на стресот и времето со рокови.
Што е позитивна психологија?
Позитивна психологија има за цел преку научни истражувања да го проучи, разбере и објасни феноменот на среќата кај луѓето. Позитивната психологија работи на откривање на тоа што ги прави луѓето среќни, како и на примена на откритијата со цел постигнување на исполнет и среќен живот. Таа ги изучува позитивните искуства и односи.
Некои од димензиите кои ги истражува позитивната психологија се: позитивните вредности и ставови, позитивните карактерни црти и доблести, состојбите на фокусираната активност и животното задоволство, позитивните мисли и емоции, благосостојбата и доживувањето на припаѓање, како и нивоата на среќата и нивно менување. Научниот напор на позитивната психологија е особено насочен кон откривањето на начините за тоа како сите горе наведени состојби и појави можат да бидат постигнати од човекот на индивидуално ниво, но и како истите можат да бидат промовирани од страна на општествените и социјалните системи и институции.
Научни основи
Позитивната психологија своите научни корени, временски лоцирано, ги има во средината на дваесеттиот век, во учењата на хуманистичката психологија, како правец во психологијата. Хуманистичката психологија истражувала феномени какви што се здравје, креативност, љубов, природа, себство, потенцијали, индивидуалност, само-актуелизација. Во достигнувањата на хуманистичката психологија, позитивната психологија ги има своите научни основи. Меѓу оние кои ја направиле промената за фокусирање на психологијата како наука, од болест кон здравје, секако се доајените на хуманистичката психологија: Erich Fromm, Carl Rogers и Abraham Maslow.
„Љубовта е единствениот здрав и задоволувачки одговор на проблемот на човековото постоење.“ – Erich Fromm
Клучните подрачја на дејствување на позитивната психологија произлегуваат од нејзиното дефинирање како научен приод во истражувањето на позитивните состојби, емоции и доживувања, истражувањето и развојот на позитивните особини и силни страни кај човекот и истражувања и примена на сознанијата во развојот на позитивни односи, заедници и институции, кои овозможуваат луѓето да се развиваат и унапредуваат во психолошка смисла. Како основоположници на позитивна психологија, во форма на научна дисциплина, се смеатаат Martin Seligman и Mihaly Csikszentmihalyi. Мартин Селигман истакнал дека со помош на позитивната психологија на луѓето можеме да им ги истакнеме потенцијалите и да ги мотивираме да превземат иницијатива за остварување на своите цели. Кај човештвото уште од најрани времиња се јавила потребата да живее и да се развива во заедница, па затоа и социјалната психологија не е помалку битна.
Според Селигман постојат три различни видови на среќни животи. Првиот е пријатен живот, односно да се поседуваат позитивни емоции што е можно повеќе и да се искористат вештините што се поседуваат. Вториот вид е личната ангажираност, односно животот во семејството како родител, како брачен партнер, во љубовта и на работното место. Третиот начин на живот е исполнетиот живот (да се води живот кој ни има лична смисла). Селигман смета дека сите овие три видови на живот во комбинација ја зголемуваат среќата на луѓето, а со тоа светот станува подобро место за живеење.
„Ако јас можам да направам некого да не биде депресивен, да не биде анксиозен, да не биде гневен, тоа значи дека можам да го направам среќен“ – Martin Seligman
Современиот свет е идеален момент за да и дадеме значење на позитивната психологија, бидејќи токму таа е тоа што има тенденција резултатите од ваквите истражувања да ги направи подобри, да ги потенцира способностите кај младата популација, која ке ги направи идните генерации поуспешни што е од огромно значење за иднината. Покажано e значително постоење на полн спектар на емоции во нашиот живот. Нејзиното значење во човечкиот развој открило и пријатни и непријатни емоции. Клучен фактор за постигнување на субјективна благосостојбата е односот на пријатни и непријатни емоции кои човекот ги има во неговото искуство. Да се биде позитивен е најлесно нешто што би можеле да направите. Затоа продолжете да го барате решението. А решението на проблемот е таму каде што најмалку се надевате – во Вас.