Ние сме СебеСложубалка
Твојот уникатен избор за психотерапија
за нас
Ние сме СебеСложувалка, тука сме не само да ти кажеме за менталното здравје туку и да ти покажеме зошто е добро да се грижиш за истото. Нашата желба е да ја рашириме психологијата и психотерапијата од конвенционалната слика на две личности кои седат во ординација еден спроти друг и да ја сместиме во секојдневниот живот. Токму затоа тука ќе добиеш една нова перспектква на психологијата. Перспектива во која ќе научиш да се грижиш за себе во секојдневието, со пријателите, со партнерот/партнерката, со семејството, на работа и слично. Ајде да дишеме психологија заедно!
наша мисија
Нашата примарна мисија е да понудиме еднакви можности за едукација за ментално здравје на сите граѓани од нашата држава. На нашите социјални медиуми присутни сме со многу корисни содржини кои целосно бесплатни и достапни за сите. Понатаму, чувствуваме општествена должност да дадеме пример за етично и хумано однесување. Оттука сме иницијатори на многу хуманитарни активности со желба за креирање позитивни промени во сите сфери на живеењето.
наша визија
Визијата на СебеСложувалка е многу едноставна и се базира на коирстење на многу креативност и мултимедија со цел поедноставување на комплексните теми поврзани со менталното здравје. Сметаме дека потребно е содржините кои ги креираме да бидат разбирливи за сите, особено за луѓето кои никогаш немале допир со оваа материја.
ајде да те запознаеме со нашиот тим
М-р Тиана Ивановска
Основач и сопственик
Психолог и гешталт психотерапевт
Јас сум Тиана и сум сопственичката на СебеСложувалка. Лиценциран психолог и психотерапевт сум како и магистер по менаџмент на човечки ресурси од Скопје. Покрај психотерапијата, клиничката психологија, психодијагностиката и менаџментот, сакам да работам и во доменот на социјалните мрежи, маркетинг и дизајн, а ако не можете да ме најдете во канцеларија тогаш веројатно ќе ме најдете качувајќи се на некоја планина. Покрај СебеСложувалка соработувам и со најразлични колеги и институти како што се Психотерапика, Комората за психолози, Црвен Крст, Гешталт Институт Скопје како и многу здруженија од невладиниот сектор. Во работата со клиенти најмногу уживам во последните 5 минути од сесијата кога ќе го видам сјајот во нивните очи. Идејата дека некому си му помогнал да се чувствува добро во сопствената кожа и да го подобри квалитетот на својот живот, му дава смисла на мојот.
Никита Попова
Психолог и Гешталт психотерапевт
Јас сум Никита, дипломиран психолог и Гешталт терапевт под супервизија. Гешталтот за мене не е само психотерапевтски правец туку и начин на живеење, затоа што е холистички пристап кој ги вклучува емоциите, сензациите, телото, мислите, однесувањето и соништата. Најважно за мене е искрен однос кој го градиме заедно со клиентот и чувство на безбедна средина во која може да се изрази себе си во целост. За време на терапија секогаш потенцирам дека одговорноста ја носиме двете индивидуи затоа што тоа е процес кој што го креираме заедно. Секогаш сум благодарна на клиентите што ми дозволуваат да бидам дел од нивната грижа за себе и довербата што ми ја даваат. Навистина е храброст да се препознае кога е потребна поддршка и истата да се побара соодветно.
Никола Дукоски
Дипломиран психолог и Гешталт терапевт во супервизија
Јас сум Никола, дипломиран психолог сум и Гешталт терапевт под супервизија. Најчесто работам со деца и адолесценти користејќи Гешталт проективни техники, техники со сликање и музика (дел од арт и музикотерапија), работа преку пантомима и драматизации, преку кои со децата и адолесцентите ги надминуваме стравовите и развојните застои. Покрај психотерапијата се бавам и со пеење, слем поезија и планинарење, а работам и како образовен асистент. Во работата со клиенти најмногу уживам во трансформацијата и препознавањето на квалитетите кај клиентот.
Душица Цандова
Психолог и Гешталт психотерапевт
Јас сум Душица и сум лиценциран психолог и Гешталт психотерапевт под супервизија. Покрај работата како психотерапевт во СебеСложувалка работам и во Мусала Софт која е една од најголемите ИТ компании во Македонија како People Care Expert во HR секторот. Гешталтот за мене е фокус на сегашениот момент, и токму тоа и најмногу ми се допаѓа, работата и секогаш враќањето во тука и сега и уживање на тие моменти. Освен моментот на тука и сега, секако, омилени ми се и експериментите што секогаш во пракса се докажало дека можат да донесат многу за самиот клиент во целост како и увиди кои со друго не можеле да се видат.
Нешто што е интересен факт за мене и сите луѓе кога ќе слушнат се чудат е тоа што не знам да пливам и да возам велосипед. Исто така, во слободно време, за опуштање најмногу ми помага, прошетка, трчање или вежбање како и цртање – хоби кое неодамна го открив и од тогаш го негувам.
Анастасија Танева
психолог, интегративен и гешталт психотерапевт
Јас сум Анастасија, дипломиран психолог, со завршена едукација по Интегративна психотерапија и Гешталт психотерапија. Исто така, работам и како училишен психолог во основно училиште, а најголемото мое работно искуство е во работа со деца и адолесценти, индивидуална и групна работа, како и поддршка и советување на семејства.
Досега сум имала можности да работам на проекти за млади за развивање на социоемоционални и комуникациски вештини како и нивна поддршка во областа на менталното здравје.
Покрај ова, сум и долгогодишен соработник и член во Црвен Крст каде за прв пат во Кавадарци го основавме Психолошкото советувалиште, а за време на пандемијата со Ковид-19, работев и на линиите за ППП и ПСП и онлајн советување и психотерапија.
Она што ми е особено значајно во психотерапевтскиот процес е релацијата со клиентот и исполнување на таа релација со грижа, топлина, прифаќање и самоодговорност, што е клучно во решавањето на одредени проблематики кои се појавуваат, како и зголемувањето на свесноста за грижата за себе, личниот раст и јакнење на самоподдршките кај личноста. За себе би можела да кажам дека сум едноставна и практична личност. Сакам долги прошетки во природа заедно со семејството, а она што ме опушта и ми ја менува и нафополнува енергијата е играта со моите две деца, слушањето музика, како и вежбањето јога.
Радица Вареловска
Психолог и гешталт психотерапевт
Јас сум Радица, дипломиран психолог и Гешталт психотерапевт. За мене психотерапијата претставува едно патување на клиентот и терапевтот, каде заедно креираат нешто ново и значајно со цел клиентот да ги искористи своите потенцијали и да се развие. Во оваа работа клиентите ми дозволуваат да бидам дел од нивниот свет и за возврат јас со нив го делам целото мое знаење и безусловна поддршка бидејќи нема поголемо задоволство од успешно завршена сесија од која клиентот добил нешто значајно. Гешталт терапевтот Е. Полстер рекол дека еден од примарните услови за работа како психотерапевт е да можеш да бидеш фасциниран од клиентот. Оваа мисла ме води на секоја средба бидејќи секој клиент е различен и секоја средба е нова креација на терапевтот и клиентот.
Елена Трендафилова Ставрова
Психолог и гешталт психотерапевт
Јас сум Елена и сум дипломиран психолог и Гешталт психотерапевт под супервизија. Поддржувач сум на мотивот за личен раст и развој, љубител на убавиот збор, личност со голема страст и љубопитност во истражувањето на човечкиот ум, дух и душа. Исто така, голем љубител на животните и многу често мојата мачка “држи поле” во работата со моите клиенти, работејќи од дома бидејќи живеам надвор од границите на нашата држава. По започнување на едукацијата за психотерапевт, психотерапевтскиот правец стана мој начин на живот и чие што знаење и искуство го употребувам во работата со моите клиенти. Верувам во својот процес и темпо и редовно присуствувам на семинари и конгреси во областа на психологијата и психотерапијата.
Во моето работно досие стојат искуствата во работата со мигранти за време на мигрантската криза како дел од мобилниот тим на Црвен Крст на Град Скопје, ангажманот во Шелтер Центарот на ОЖС во работата со жени и деца жртви на семејно насилство, како и практичната работа и волонтирање во СОС Детското село, Мал Групен Дом во Берово и Едукативен Центар за развивање на вештини во Пехчево.
Катерина Митевска
Специјален едукатор и рехабилитатор
Здраво, јас сум Катерина и сум Специјален едукатор и рехабилитатор. Работам со дечиња со најразлични развојни нарушувања како што се аутистичен спектар на нарушувања, деца со оштетен вид, оштетен слух, моторни нарушувања, деца со специфични потешкотии во учењето. Вршам развојна проценка на дечињата и дополнително работам и на стимулирањето на развојот на дечињата кои немаат никакви развојни нарушувања или пречки. Покрај работата во СебеСложувалка работам и како специјален едукатор и рехабилитатор во основно училиште. На крајот на денот работата за мене никогаш не завршува затоа што дома секогаш ме чекаат моите три деца Николија, Ненад и Дамјан.
Сања Мишевска
Content creator
Тамара Стојчевска
Психолог и психотерапевт - психодрама
контактирај нè
- +389 76 439 663
- kontakt@sebeslozuvalka.com
- Прашка 13, Скопје, Македонија