Нашиот живот е низа од предизвици кои предизвикуваат стрес.
Стресот е е еден вид психолошка непријатност која се состои од чувство на пренатрупаност, притисок и напнатост. Главната причина за чувството на стрес е верувањето дека немате потребни ресурси за да се соочите со одредена ситуација. Кога некое лице верува дека мора да достигне стандарди за кои не се чувствува способно, овој проблем почнува да се влошува. Сепак, постојат многу други фактори кои влијаат на тоа дали се појавува или не.
Стресот е психолошки проблем кој може да се манифестира на многу начини; некои од нив се поврзани исклучиво со нашето тело. Постојат неколку „нивоа“ на стресот, кои можат да предизвикаат позитивна или негативна реакција во телото:
- Позитивната реакција е дел од нашиот развој. Најчесто се карактеризира со кратко забрзување на пулсот и мала промена во нивото на хормоните.
- Толерантната реакција е малку поинтензивна и се појавува во потешки ситуации. Може да биде предизвикана од нешта како скршено срце или некоја физичка повреда, но воглавно, ова е стрес што секој може да го поднесе.
- Токсичната реакција не е нормална појава и може да му наштети на здравјето.
За најдобро да ја разберете реакцијата на телото кога сте под стрес, би требало да ги знаете и видовите стрес:
Видови на стрес
1. Акутен Стрес
Акутниот стрес е најраспространет и нормален, а се јавува како реакција на нов предизвик или настан. Можете да го почувствувате и ако направите грешка на работното место, ако се скарате со некоја сакана личност или ако имате некоја комплицирана задача. Доброто количество акутен стрес го стимулира мозокот и му помага на здравјето. Истражувањата покажале дека кратките стресни ситуации, можат дури да го подобрат менталниот перформанс.
Ако пак воопшто не чувствувате стрес, можно е да се појави здодевност, па дури и депресија. Веројатно сте имале период во животот кога ништо не се случувало, па поради тоа сте се чувствувале апатично.
2. Епизоден акутен стрес
Ако често искусувате акутен стрес, тогаш веќе станува збор за епизоден акутен стрес.
Кога постојано сте загрижени и за најмалите ситници, многу лесно можат да ве надвладеат негативните чувства. Ова пак, може да предизвика замор, главоболки и ослабен имунитет.
Поради ова, ако сте во ваква ситуација, важно е да го средите вашиот живот и да не бидете престроги кон себе.
3. Хроничен или токсичен стрес
Кога не се справувате со акутниот стрес и тој трае долго, со текот на времето ќе се претвори во хроничен стрес. Коренот на овој проблем може да биде несреќен брак, лошо работно место, сиромаштија и слични животни проблеми. Овој вид стрес е токсичен и опасен. Може да ви го наруши физичкото и менталното здравје, па дури и да предизвика канцер, срцеви заболувања и дебелина. Понекогаш, причината за хроничниот стрес може да биде и тешкото детство. Во овој случај, најдобро е да се консултирате со професионалец.
Справување со стрес
Ако сте забележале дека секој ден животот ви станува покомплициран, тогаш време е да се справите со стресот. Не срамете се да побарате помош и направете ја потребната промена. Најчесто најефективниот начин за борба против стресот на краток рок е да се отстранат неговите причини. Ако, на пример, лицето е во непријателско опкружување за работа, напуштањето веднаш ќе ја намали нивната загриженост. Сепак, елиминирањето на основната причина за стресот не е секогаш лесно. Во овие случаи, постојат и други промени во животниот стил кои можат да ви помогнат подобро да се справите и да го намалите интензитетот на симптомите.
Многу луѓе кои страдаат од постојан стрес можат да имаат голема корист од промената на нивните размислувања и начинот на кој тие управуваат со него. Психотерапијата се покажува многу ефикасна во овој поглед.